Чет-ботови за рецепти се за аматери: Рафајловски направи АИ што ќе ги спасува македонските фирми од казни
Откако сите живи на планетава почнаа да си прават свои верзии на ChatGPT за пишување честитки за роденден и рецепти со авокадо, една од најпознатите македонски куќи за ревизија и консалтинг, Рафајловски, реши да направи нешто корисно за македонската мака. Со гордост го најавија RALF.AI – дигитален асистент со вештачка интелигенција што треба да биде десна рака на секој збунет сметководител, адвокат и директор во државава.
Наместо да прашувате колеги по Фејсбук групи, сега алгоритмот на Рафајловски треба да ви дава одговори за две секунди.

Каде точно ќе помага ова чудо?
- Сметководство и даноци: Ако не ви е јасно како да прокнижите специфична влезна фактура или кои трошоци се даночно непризнати за оваа година, РАЛФ би требало да го знае точниот закон.
- Правна поддршка: Наместо да копате низ Службен весник од 2012 година за да најдете некој изгубен член од Закон за работни односи, го прашувате ботот.
- Економија и финансии: Системот е достапен 24/7 и е замислен веднаш да дава стручни совети за секојдневни деловни дилеми.
Финтата е во локализацијата
Главниот проблем со глобалните АИ алатки како ChatGPT е што ако ги прашате за македонски даночни закони, или ќе почнат да халуцинираат или ќе ви кажат како е тоа регулирано во Тексас. RALF.AI е трениран директно на огромната база на податоци, закони, толкувања и списанија на „Рафајловски Репрезент“ акумулирани со децении во Македонија.
Алатката веќе функционира и е вклучена во годишната претплата на корисниците за 2026 година, каде што секој претплатник добива одреден број „РАЛФ кредити“ за да си прашува сè што му лежи на душа на тема УЈП и закони.
Останува уште да видиме дали РАЛФ ќе успее да го сфати македонскиот даночен систем подобро од оние што го пишувале.

Leave a Comment