Нвидија има толку пари што веќе купува фирми колку да не и стојат во фиока
Кралот на чиповите за вештачка интелигенција, Нвидија, реши дека не му е доволно да го контролира целиот хардвер на планетава, па почна да купува софтверски фирми како што просечен Македонец купува мастики на каса. Најнов улов им е стартапот Кумо АИ (Kumo AI), за кој без око да им трепне искешираа преку 400 милиони долари.
За тие што не дремат на Стенфорд, Кумо е чедо на познатиот словенечки компјутерџија Јуре Лесковец.
Што всушност работи ова чудо?
Додека обични смртници сè уште мака мачат со VLOOKUP во Ексел, Кумо користи Графички невронски мрежи (GNN). Тоа е софтвер кој се врзува директно на „облаците“ на Snowflake и Databricks, ги џвака сите можни податоци на една компанија и за неколку секунди ви ја предвидува иднината. Нивниот последен модел KumoRFM-2 буквално им кажува на гигантите како Reddit и DoorDash кој корисник планира да им избега и што точно да му се ували за да остане и да троши пари.
Како би изгледало ова во Македонија?
За да сфатите зошто фрлија 400 милиони: замислете овој софтвер да го купат нашите телеком оператори. Наместо да ве замараат со досадни пораки кога веќе ви истекол договорот, алгоритмот на Кумо уште шест месеци однапред ќе предвиде дека планирате да пребегате кај конкуренцијата (врз основа на тоа колку гигабајти трошите и кога ги плаќате сметките) и веднаш ќе ви понуди тарифа што не можете да ја одбиете.

Или пак, замислете го во нашите најголеми маркети со картички за лојалност. Системот за две секунди ќе пресмета кои три производи секогаш ги купувате заедно и во петок во 16:00 часот ќе ви прати купон со попуст за четвртиот производ, за кој и самите не сте знаеле дека ви се јаде во моментот.
Зошто Џенсен Хуанг го купи ова?
Затоа што на газдата на Нвидија одамна му е преку глава да го доживуваат како „оној со кожната јакна што прави графички за кантер“. Човекот сака неговата фирма да биде алфа и омега за сè што има врска со АИ. Наместо само да ви продава скапи чипови, сега сака да ви го продава и софтверот што работи на нив.

Тројцата основачи на Кумо (Вања Јосифовски,Хема Рагаван и професорот на Стенфорд Јуре Лесковец ) веќе си ги спакуваа куферите, си ги префрлија милионите на сметка и седнаа во директорски фотелји во Нвидија. За нив криза нема.


Leave a Comment