Зошто „Заливот на Прчот“ е хит и во зима и во пролет (а не само кога се бањаме)

Археолошка Пенелопа е под Охридскиот брег но тука може да се истражува секогаш

Ако заглавивте во онаа класична македонска дебата „каде за викенд“ и пак сè се сведе на Маврово или прошетка низ чаршија, имаме предлог што звучи малку егзотично, малку локално, а воопшто не бара капење во Охридското Езеро. Патем, се вика Заливот на Прчот (или поофицијално – плажа Надол), се наоѓа во Трпејца и е комплетно друга димензија кога ќе ги тргнете од сликата сите оние луѓе со пешкири, маски за нуркање и крофни со крем.
Еве зошто ова место е генијално за бегство и во зима и во пролет:
Патем, зошто заглавило со вакво име?

Пред да помислите на некоја модерна навреда или урбан сленг, името на заливот има длабоки локални корени. Иако нема официјален декрет од Заводот за јазици, локалните теории се движат во две многу логични насоки.
Првата е чиста сточарска географија – Трпејца во минатото не живеела само од риба, туку и од кози кои паселе по околните стрмни карпи на Галичица. Овој залив, скриен и заштитен од ветрови, веројатно бил омиленото место каде што главниот во стадото (прчот) ги носел своите на поило.
Втората теорија, поблиска до рибарскиот менталитет, вели дека карпите над самата плажа имаат специфичен, остар и „тврдоглав“ изглед, исто како карактерот на животното по кое го добил името. Како и да е, името останало како врвен локален бренд.
1. Нема гужва, има филмска тишина
Ако во август во Трпејца буквално си дишете во врат со комшијата на плажа, во зимските и пролетните месеци Заливот на Прчот е буквално ваша приватна филмска сцена. Чиста, тиркизна вода што изгледа како филтер на Инстаграм, мир што го прекинуваат само галебите и оној ладен, кристален воздух што ви ги чисти синусите веднаш. Пролетта тука мириса на разбудена природа, а зимата има некој скандинавски вајб, само со многу подобри локални ресторани во близина.
2. Галичица ви е „над глава“
Ова не е само место за седење покрај вода. Заливот на Прчот е совршена база за оние што сакаат да комбинираат езеро и планина во ист ден. Националниот парк Галичица ви е буквално зад грб. Во зима можете да фатите снежна идила горе на видиковците со поглед кон двете езера, а во пролет да шетате низ расцутени патеки каде што воздухот е толку чист што ќе ви се сврти во глава ако сте навикнати на градски смог.
3. Индијана Џонс, ама на наш начин
Ако ви е досадно само да гледате во водата, свртете се наоколу. Целиот овој потег е жива археолошка приказна. На само неколку минути возење е Заливот на Коските – автентична реконструкција на праисториска населба на колци. Но, и самиот Залив на Прчот и околните карпи кријат приказни за стари рибарски населби, пештерски цркви и историја која датира со векови наназад. Буквално шетате низ историја додека барате каде да го испиете кафето од термос.
Заклучок: Трпејца не е само за „брчкање“ во јули. Спакувајте добри патики, топла јакна (или полесен дуксер ако ладното веќе стигнало), земете го термосот и отидете кај Прчот пред да се вратат сите туристи. Понесете пластични чашки плус,ако се сретнеме и ако ви е убаво ќе треба да честите кафе.


Leave a Comment