Јун 28, 2025
Млада голема бела ајкула фатена на 12 км од црногорскиот брег


Утрово 23 Јуни 2025 година, рибарот Гојко Митровиќ доставил до Институтот за морска биологија на Универзитетот во Црна Гора слики од млада голема бела ајкула, фатена и пуштена на 12 километри од брегот и на длабочина од 115 метри. Според Институтот, ова е само трет улов на овој вид во овие води во последните речиси 30 години.

Последната евидентирана млада единка во Јадранското Море е забележана во 2023 година, во Хрватска.

(Фотографија: Гојко Митровиќ/ Институт за морска биологија)
Иако често се верува во спротивното, овој вид природно егзистира и во Јадранското Море и е жител на целиот Медитеран. Сепак неговата распространетост е значително помала отколку во минатото.

Во повеќето медитерански земји, вклучително и Црна Гора, е забранет целниот риболов на големи бели ајкули. Овој вид е заштитен со Одлуката за заштита на одредени растителни и животински видови, како и со Наредбата за сезоната на риболов за возрасни класи на риби и други морски организми.

„Благодарение на г-дин Митровиќ, добиени се многу ретки и вредни податоци од научна гледна точка. Како што е препорачано, тој ја пуштил живата ајкула од мрежата додека сè уште била во морето и му ги достави на Институтот сите информации за уловот, заедно со фотографиите“, соопшти Институтот.

Само еден напад од ајкула врз човек е регистриран во Црна Гора, во средината на минатиот век.

„Како превентивна мерка, се препорачува да се избегнува пливање во зори, на поголеми растојанија од брегот или во близина на риболовни активности. На оваа страна од Јадранското Море, нападите се случуваат исклучително ретко, а последниот фатален се случил во Хрватска пред половина век (во 1974 година)“, се вели во соопштението на Институтот.

Последниот напад во Јадранското Море се случил во 2008 година кај островот Вис во Хрватска, без фатален исход, кога ајкула нападнала нуркач кој носел улов.

„Временската разлика помеѓу последните два напади на источната страна од Јадранското Море е повеќе од 30 години. Како и со секое друго животно или див организам, не е можно да се предвиди дали, кога и каде ќе се случи напад“, велат од Институтот.

Во Јадранското Море и во другите делови од Медитеранот, неодамна беше спроведено истражување од страна на италијански научници со цел да се пронајде и обележи единка од овој вид. И покрај долгогодишните обиди, не е регистрирана бела ајкула.

„Ајкулите, ражите и химерите, или ‘рскавичните риби, се меѓу најзагрозените групи ‘рбетници во светот. Современите научни податоци покажуваат дека повеќе од една третина од видовите во оваа група се соочуваат со закана од истребување. Во последните децении, напорите за зачувување на ‘рскавичните риби значително се зголемија. Меѓу многуте причини, клучно е правилното функционирање на морските екосистеми, кое зависи од оваа група риби, која ја контролира големината на популацијата на многу видови морски организми“, објаснува Институтот.

Големата бела ајкула (Carcharodon carcharias) е еден од најпознатите животински видови во светот, а нејзината медитеранска популација се смета за критично загрозена. Наодите на овој вид во медитеранските земји станаа многу ретки и често се опишуваат поединечно во научната литература.

Иако возрасните единки од овој вид можат да претставуваат потенцијална опасност за луѓето, нападите од ајкули се генерално ретки. Повеќето луѓе имаат вроден страв од животни кои можат да бидат опасни за нас, што е сосема разбирливо. Сепак преку соодветни информации, без сензационализам, може да се види дека фреквенцијата на напади од ајкули врз луѓе е значително помала во споредба со многу други животни, дури и со некои од оние со кои се среќаваме секојдневно.

Музејот за природна историја на Флорида одржува глобална база на податоци за напади од ајкули врз луѓе. Според нивните податоци, во текот на 2024 година се регистрирани четири напади со фатален исход, по еден во: САД, Западна Сахара, Египет и Малдивите. Оваа статистика ги вклучува сите видови ајкули, не само големата бела ајкула.

More Details

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *