Од 19.05.2023 во Скопје беше пуштена во употреба услугата на турската компанија BinBin за изнајмување на електрични тротинети. Системот за изнајмување на електрични скутери и тротинети за прв пат е воведен во 2017 година во Санта Моника, Калифорнија, САД. Во Турција (Истанбул), првата фирма за изнајмување на електрични тротинети, Martı (Галеб) е основана следната 2018 година, а почнала со работа во 2019, од страна на двајца млади луѓе кои со фирмата буквално се збогатиле. По успехот на Martı, во Истанбул се основани уште 5 такви фирми, и градот е буквално преплавен со електрични тротинети и скутери за изнајмување. Минатата година бев во Истанбул и од луѓе од таму слушнав дека една од фирмите планирала да го прошири бизнисот и со автомобили, но моментално на интернет не успеав да најдам никаква информација за тоа.

Една од компаниите кои се доста успешни во Турција, BinBin (буквален превод на македонски: КачиКачи ), од денес ја има и во Скопје. Од страна на BinBin се купени 500 електрични тротинети кои веројатно можевте да ги забележите денес паркирани низ Скопје, од Ѓорче до Ново Лисиче. ЈП „Градски паркинг“, ќе и наплаќа на фирмата за издавањето на локациите каде што се поставени пунктовите на тротинетите, моментално 16 такви, но 3 локации биле несоодветни за фирмата, па така се бараат уште локации за ширење на мрежата.
Сите изнајмувања се вршат преку мобилната апликација BinBin. Цената за изнајмување на тротинет е 9 денари минута, но доколку на апликацијата ставиш паричник од 300 денари, ти дава +45 денари гратис, а доколку ставиш паричник од 500 денари, ти дава +100 денари гратис. Така, цената доаѓа околу 7,3 денари од минута. За да се користи електричен тротинет, граѓаните ќе треба да ја симнат апликацијата, за која бар-код има на пунктовите и на неа има повеќе начини на плаќање. Тротинетот ќе може да се подигне на еден од пунктовите и потоа да се остави каде било.

Или поедноставно:
1. Симнуваш мобилна апликација на телефон - https://play.google.com/store/apps/details?id=com.BINBIN&hl=mk&gl=US
2. Ставаш пари на неа
3. Одиш до електричен тротинет (паркирани се насекаде низ Скопје, а можат да се најдат на мапа која е поставена на самата апликација и која ги прикажува најблиските бинбинови (така ги нарекуваат Турците тротинетите на BinBin)), го вклучуваш преку апликацијата и можеш да го возиш во рамки на дозволените граници кои се исто означени на мапата, а го опфаќаат скоро цело градско подрачје на Скопје.
4. На крајот го оставаш бинбинот било каде (во Турција ги заклучуваат на бандери, огради, дрва, ама кај нас ко што видов сите се оставени така, не се заклучени), го исклучуваш од апликацијата која ти наплаќа за возењето, и го сликаш и ја поставуваш сликата на апликацијата.
5. При пребарувањето на тротинетите, ти покажува колку батерија имаат, доколку има попуст за некој ти го покажува и попустот и сл. Навечер од фирмата ги земаат и ги носат или на пунктовите за полнење, или само им поставуваат нови, наполнети батерии и ги оставаат на истото место, па така утредента сите тротинети се одново спремни за користење.

Граѓаните откако ќе завршат со работа можат од еден пункт да изнајмат тротинет, да си дојдат дома, а него да го остават пред нивната зграда или куќа. Бидејќи се со GRS, тротинетите се гледаат во системот и од фирмата знаат каде е оставен. Кога не е вклучен сигналот тротинетот тешко може да се турка и постојано свири. Така што е тешко некој да се осуди да го украде, барем така тврдат од фирмата. Исто така, тротинетот не може да се вози на никаков начин без мобилната апликација, па затоа од BinBin веруваат дека дивјаците кај нас нема да можат да ги земат, префарбаат и продадат или расклопат и фрлат за старо железо, иако јас сум се уште скептичен.
Инаку, освен кај нас и во Турција, BinBin веќе се проширил наводно и во уште 6 држави, меѓу кои Хрватска, Бугарија и Босна и Херцеговина (каде е главен спонзор на ФК Сарајево), и во вкупно, како што велат - 80 града.
Па да видиме колку би бил успешен проект ова кај нас и дали ќе потрае.