Апр 26, 2025
Чекајќи бел чад: Католиците бираат папа, православните чуваат дистанца

Клучот за признававање на Македонската Православна Црква која има над 1000 години традиција

Додека Ватикан се подготвува за уште една епизода од својата милениумска сапуница — избор на нов Папа — светот повторно се потсетува колку католичката црква знае да организира настан: заклучени кардинали, тајни гласања, бел чад како сигнал за добри вести и милиони луѓе кои го гледаат покривот на Систинската капела со повеќе возбуда отколку што гледаат некои светски дербија.

Кардиналите, облечени како за филм на Паоло Сорентино, ќе бираат нов духовен татко кој ќе владее над 1,3 милијарди католици — со централизиран авторитет, дисциплина и неприкосновеност што во други контексти би била наречена монархија со литија.

А кај православните? Таму малку поинакви филмови се вртат.

Цариградскиот патријарх — моментално Вартоломеј, а некогаш друг — носи титула „прв меѓу еднаквите“ (primus inter pares). Што значи тоа? Значи дека по дефиниција треба да биде координатор, симболичен обединител, но без власт над другите автокефални цркви. Српскиот патријарх, рускиот, бугарскиот, антиохискиот, сите тие се свои шефови во своите кујни, без да му полагаат сметка на Цариград.

Сепак, во последниве години (особено со доделувањето автокефалија на нови цркви), имаме прилика да видиме како некои на Босфорот понекогаш го забораваат овој принцип. Почесто настапуваат како духовни менаџери со глобални амбиции, отколку како први меѓу еднаквите. Се дава впечаток дека Цариград сака да биде православен Ватикан, без да признае дека православието е токму спротивното: децентрализирано, рамноправно, упорно да остане недефинирано од еден центар.

Додека папата има власт да именува кардинали, да назначува бискупи и да се појави како неприкосновен лидер, православните поглавари (барем на хартија и во идеалната теорија) треба да одлучуваат заедно — преку собори, консензус и многу, многу чекање.

И додека во Рим ќе се чека да се појави нов човек на балконот да го благослови светот „Urbi et Orbi“, во православието ќе продолжи тивката борба помеѓу каноните, суетите и реалноста на црковна политика каде што никој не е баш „помал“ од другиот, ама секој сака да биде барем малку поголем.

Па така: католиците ќе го дочекаат својот татко, со сета помпа и спектакл. Православните — како и досега — ќе продолжат со долги состаноци, кратки резултати и вечното прашање: дали навистина некој е прв, ако сите се убедени дека токму тие се тие?

More Details

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *