Државна кардиохирургија, државна детска кардиохирургија и ТЕВИ метода
Одкако знам за себе се сеќавам дека периодично медиумски се зборуваше за основање државна кардиохирургија во Македонија. Но, иако беше во постојана најава, никогаш тоа не се случи.
Потоа разбрав дека за тоа се дебатира половина век, над 50 години. Некаков баук се чувствуваше околу тоа. Мислев којзнае колку големи причини има штом 50 години ниедна влада не успеала. Го отворив тоа прашање на ресорниот состанок со раководството на Министерството за здравство. По кратко време министерот за здравство Н.Тодоров со неговиот тим даде план кој го усвоивме исто како и на седница на владата подоцна, и со само 2,3 милиони евра на простор од 750 метри квадратни се создаде и отвори државна кардиохирургија.

За неполна година подготовка во градежни работи, набавка на опрема и обезбедување стручен кадар. Се чувствуваше дека сопствениците на приватните клиники не беа многу среќни со тоа, што е разбирливо, затоа што им се создаде нова конкуренција која ќе им одземе дел од пациентите, а со тоа и од заработката.
Свативме дека 50 години се зборувало за државна кардиохирургија но се правело се да ја нема.
Кога се отвори клиниката, два дена потоа дојде и првиот голем предизвик, односно првата операции во време кога јавноста очекуваше да види дали тоа реално функционира.
Министерот ме извести дека приватните клиники вратиле четири екстремно тешки случаи што според извештајот на докторот кој му го презентирал докторот имаше огромна стапка на ризик и висока веројатност за смртност уште во текот на операцијата или кратко потоа, а една од нив беше многу итна и таа мораше да биде прва операција, за што лекарот и покрај се покажа спремност.

Се сомневавме дека можеби конкуренцијата посакува лош почеток на државната конкурентска кардиохирургија, дека на некој начин со препраќање на најризичните случаи на некој начин можеби се минира почетокот на проектот, случај каде веројатноста за неуспех е огромна, и тоа да се случи на штотуку отворената државна кардиохирурија и со тоа создавање лош имиџ на самиот почеток, кога очите на јавноста беа вперени таму. Замислете ги медиумските известувања од типот: “првиот пациент опериран на државната кардиохирургија почина за време на операцијата”. Или “првите три пациенти починаа на сред операција…”.
Кој потоа ќе се согласеше и ќе имаше доверба таму да се оперира? Кој ќе веруваше дека нашата работа за добра подготовка сме ја завршиле добро?
Приватните можеби можат, но државната кардиохирургија неможе и несмее да откаже многу ризична операција само заради својот имиџ.
Треперевме во тие часови додека траеше операцијата и на наша радост и огромно задоволство, а пред се за среќа на пациентот и неговите блиски по 10 часа операција, докторот успешно ја заврши првата операција а потоа успешно завршија и другите три операции. По една година дознав дека првиот пациент бил на одбележувањето од една година од отворањето во одлична состојба.

Но, ние тоа и сакавме. Ние воопшто не бевме против приватните клиники и се радувавме на нивните успеси и напредок. Сепак ценевме дека болните треба да имаат повеќе алтернативи бидејќи конкуренцијата секогаш носи подобрувања во услугите. Но важно беше и да има државна кардиохирургија која секогаш и за се ќе работи независно дали се многу ризични или не операциите, и да не се грижи само за сопствените проценти на успешност, профитот, имиџот на клиниката од аспект на прифаќање случаи за кои има голема шанса да им починат во тек на операцијата и слично.
Државната кардиохирургија ја почнавме со реномиран доктор од Италија- Д-Р Роберто Чини, кому уште на првата операција му асистираше др Јовев, а потоа продолживме со друг - Д-р Антонино Маруло, а целосното етаблирање го направивме со Д-р Омер Џемаили, тетовец, кардиохирург со германско државјанство, денес директор на циришката клиничка болница, кој многу помогна во етаблирањето на оваа клиника. Се разбира континуирано работи и се надоградува и постојан македонски кадар на специјалисти, кои на почетокот асистираа но подоцна ја превземаа работата и одговорноста. Така оди тоа.
Бидејќи постоеја две приватни кардиохирургии, едната која се отвори во владата на Љубчо Георгиевски во 1999 година, кога јас бев министер за трговија, а со големо залагање на академик Кљусев, кој тогаш беше министер за одбрана, а втората се отвори во време кога јас бев премиер, многумина мислеа дека државна кардиохирургија е веќе мртов проект и дека е празно ветување на хартија.
Покажавме дека не е така и дека со одговорна работа и труд може многу да се стори.
Потоа успешно го реализиравме и проектот за Детска кардиохирургија. Од почетокот на функционирањето до крајот на 2015 година во Детската кардиохирургија се извршени околу 200 кардиохируршки интервенции кај деца. Ангажиравме тим на странски врвни специјалисти, детски кардиохирурзи, анестезиолози итн, во самиот почеток, главно од САД, но постепено македонскиот кадар предводен од д-р Чадиковски ја превземаше одговорноста стекнувајќи искуство покрај и под надзор на американските лекари.
До крајот на мојот мандат веќе над 50 проценти од интервенциите се сработија комплетно од македонски тим, а под надзор на американските лекари кои повеќе пати годишно престојуваа во Македонија. Во минатото, децата и бебињата кои има потреба од кардиохируршки интервенции беа испраќани во странство, што претставуваше дополнителен финансиски и психолошки товар за семејствата. Паралелно и еден од приватните кардиолошки центри изградија свои капацитети.
Дојде новата власт во 2017 година и само за една година, без некое издржано и сериозно објаснување државната детска кардиохирургија ја припоија кон приватната, односно со други зборови ја укинаа државната.
Се падна во вода и пак имаме само еден избор. Голем чекор назад.
Планиравме и други натамошни чекори како центар за детска кардиохирургија во детската болница Козле кој под еден покрив ќе ги обединише сите професионалци кои актуелно се бават со оваа проблематика, а воедно ќе претставуваше база за едукација и изградба на нов кадар, планиравме и ветивме на изборите темелно реновирање на клиниката за кардиологија, национален центар за кардиоваскуларни заболувања и други повеќе други проекти во оваа област. Во опција може да биде и алтернатива во правец на национален кардиоваскуларен институт кој ќе е оспособен за комплексен кардиоваскуларен преглед и неинвазивна и инвазивна терапија на целиот спектар на кардиоваскуларни заболувања и за деца и за возрасни, вклучувајќи интервентна кардиологија, електрофизиологија, кардиохирургија и трансплантација на срце, како и васкуларна хирургија со примарна задача превенција од кардиоваскуларни заболувања и следење на кардиолошките заболувања.
Зошто не и национална база на податоци за автоматски дефебрилстори за спасување во близина?
Покрај кардиохируршки, воведовме и васкуларна хирургија која од актуелната власт систематски беше уништувана и пренесена во приватните болници иако функционира уште еден а слична на друга државна клиника. Ова го спроведовме во соработка со кардиохируршки од центар Дедиње од Белград. Ова е во периодот 2013-2014 година.
Клиниката за кардиологија во време пред промената на власта во 2017 година започна интервенции на пациенти со фиброзно дегенеративни промени преку катетер, транскатетерска ТАВИ процедура. Се направија околу 60 успешни интервенции под водство на Д-р Кедев и се публикуваа резултатите во меѓународни списанија со импакт фактор кои воопшто не одстспуваа од резултатите во напрените земји. Дојде новата власт, го стопира сето тоа, и забрани на клиниката со сопствени капацитети да го прави тоа, мислам исклучиво заради партиски отпор кон докторот кој го водеше ова, и донесе лекари од странство, од Хрватска, Словенија и други, правејќи непотребни трошоци за да го вршат истото кое претходно подеднакво успешно се вршеше на клиниката за кардиологија.
Јас политиката ја разбирам како борба на конкурентни идеи и резултати од тие проекти и идеи.
Но, очигледно други ја разбираат како борба со деструктивни идеи и уривања на создаденото наместо градење нешто поконкурентно.
Затоа одиме назад.