Неодамна од Македонски Телеком (Т-Мобил), кому редовно му ги плаќам сметките (но, не го обновувам договорот), добив кратка порака, цитирам: „biraniot broj e seushte nedostapen“! Слични пораки добивам без престан!

Дозволете да предочам еден факт, што се однесува на оваа компанија (која сигурно не е единствена!), однапред замолувајќи моето предочување да биде сфатено исклучиво добронамерно и никако поинаку!
Горепосочената порака, како што се гледа, ја добив напишана со латинични букви, а во нашата држава, согласно Уставот, службен јазик е и македонскиот со неговото кирилично писмо. Македонскиот јазик нема латинично писмо! Македонскиот јазик, едноставно, нема латинично писмо и според правописот не се изразува со латинични букви!
Земајќи ги предвид сите околности, мислам дека во ова време со огромни можности во технологијата, за Македонски Телеком е вистински момент и премногу лесно кратките пораки да почне да ги испраќа напишани со кирилично писмо.
Исто така, замолувам најдобронамерно да биде примено и следново предочување: Се чини дека е потребно оваа компанија да вработи лектор, кој ќе го прегледува текстот на испратените пораки; на пр. прилогот: „сѐ уште“, кој очигледно се пишува раздвоено, во нивните пораки е напишан споено и на латиница: „seushte“!
Или, пак, именката: „час“, во множина, кај нив е: „chasa“, т.е., зошто „ch“ (цхаса), кога ја имаме буквата „ч“! За кој јазик станува збор! А, примери има безброј!
Доколку Македонски Телеком посака, може да се согласи дека тоа мизерно ниско лингвистичко рамниште на нивните кратки пораки не соодветствува на угледот на нивната компанија, која се претставува како „водечки телекомуникациски оператор“.
Зар треба да се добие впечаток дека во услови кога се негира македонскиот јазик, Македонски Телеком постапува некадарно и од немукает погрешно ги воспитува младите, та наместо правилно напишаното: „сѐ уште“, „што“, „Ваш“, „почитувани“… младите да се учат на безбројните бедни и без било какво значење шкрабаници: „seushte“, „shto“, „Vash“, „pocituvani“ (сеусхте, схто, Васх, поцитувани)…
Сосема спротивно, со правилна употреба на јазикот, Македонски Телеком би можел исклучително многу да придонесе во правилното образование на младите и развојот на македонскиот јазик, та така да си го подобри и угледот на компанијата.
Денес, на 04-ти Октомври 2023 г., ми се јави еден од операторите на Македонски Телеком, кој се интересираше зошто сум дал лоша оцена за компанијата во нивната анкета. Низ еден градителски пристап, го изнесов моето образложение! За волја на вистината, операторот веднаш го проследил мојот став кај претпоставените и одново се јави да ми го пренесе нивниот одговор, кој гласи: Причината поради којашто ги испраќале пораките на латиница биле старите мобилни уреди на одредени пензионери, кои не поддржувале кирилица!

Би сакал на почитуваните личности на одлучувачки места во Македонски Телеком да им го предочам следново: Проверив и со сигурност тврдам дека во соседните земји Бугарија и Грција кратките пораки од компаниите за телекомуникации, граѓаните ги добиваат на бугарска кирилица, односно грчки алфавит. Така тие се грижат за сопствениот јазик! Но, не само тие! Гледам дека и домашната компанија Грин почнала на своите корисници да им ги испраќа кратките пораки на македонска кирилица!
Убеден сум дека ова обраќање ќе биде примено најдобронамерно, бидејќи е упатено без никаква друга, освен суштински битната филолошка позадина!
Епископ дремвитски Давид (Нинов).