За 11 Октомври

Share with:


За 11 Октомври

Каде попрво пукнала првата пушка , во Прилеп или Куманово?

Кога бев дете во Титова Југославија, 11ти Октомври беше де-факто најголемиот македонски празник во државата. Се славеше и Илинден, но не како 11ти Октомври.

„На 11ти Октомври пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово!“ – нѐ учеше учителката по историја. Умот и во тоа време ми работеше инженерски – бараше логика во информациите.

„Како е можно една иста пушка во исто време да пука и да е на две ралични места? Што точно се слушило?“- ја прашав учителката. Добив лекција за нападот на Участакот во Прилеп во најситни детали: кој, кога, каде…

„А Куманово?“ – ја прашав.
„И таму пукале партизаните на 11ти Октомври.“ – штуро ми врати учителката.

И толку. Во тоа време немаше интернет. Но денес има. A кумановската приказна за 11ти Октомври е фасцинантна.

Имено во Септември 1941, Централниот Комитет на КПЈ носи одлука на 11-ти Октомври да се дигне анти-фашистичко народно востание. Во Октомври се формирал прилепскиот партизански одред кој учествувал во нападот на Участакот. Скопскиот одред во кој бил Методија Шаторов Шарло веќе постоел. Во тоа време Шарло влегува во конфликт со ЦК КПЈ која на негово место го носи Лазар Колишевски. Шарло и Скопскиот одред требале да помогнат во формирање на одреди во Куманово, но тоа не го сториле.

Група од 15 многу млади луѓе предводени од берберскиот работник Боро Менков, самостојно се собираат на 12-ти Октомври во неговата колиба , на 4 километри од Куманово и го формираат Карадачкиот партизански одред. Во овој одред има 12 Македонци, 2 Албанци и еден Хрват. Меѓу нив се и две многу млади девојки: Евица Георгиева- Кипра и Магдалена Антова. Одредот тргнал да ги обиколува околните села со цел да регрутираат борци кои би правеле диверзантски акции против фашистите.

Но на 14-ти Октомври, паѓаат во заседа на бугарската војска во една воденица крај селото Белановце. Борбата траела еден час. Загинале 7 борци а другите 8 се фатени и следниот ден во Куманово осудени на смрт со бесење (во 1942 нивната казна е сменета во доживотна робија). Меѓу загинатите е и 21-годишната Магдалена Антова – во историјата на НОБ таа е првата падната жена борец.

После војната, во едно типично партизанско судење од прекиот суд, кметот на село Белановце, господин Мемет Шабани „признава“ дета тој ги предал партизаните на бугарските власти за награда од 6000 лева. Но подоцна излегува на виделина информација дека предавството го извршил таткото на Магдалена Антова кој имал бугарско определување.

Приказната за Участакот е релативно „црно-бела“ и едноставна за кажување. Можеби и затоа се форсира за 11ти Октомври?
Октомвриската кумановска приказна е во нијанси на сиво. Во неа има една Шекспирова грандиозност, драма и трагедија.

Група на многу млади луѓе се собрале околу една над-етничка идеја на комунизмот која ветувала социјална правда и еднаквост. И се дигнале во борба против фашизмот како симбол на репресија. За тој идеал ја платиле највисоката цена.
Татко, најверојатно со најдобри намери – да ја спаси својата ќерка од опасните идеи на Комунизам и Македонизам со која таа „залудела“- врши предавство со кое ја губи својата ќерка.
Внатре-партиски борби и политики кои ги чинеле живот младите партизани.
Режирано судење на соодветен виновник за целата оваа трагедија, за да се задоволи јавноста и да се прикрие вистината.


Некако духот на овој октомвриски настан како сеште да талка по улиците на Куманово. Животот и денес како да наликува на оваа октомвриска Шекспирова приказна. Желбите и соништата на Кумановчани се над-етнички– сите сакаат подобар живот, мир, правда и достоинство…во време кога од преголема љубов, Бугарија ќе нѐ загуши… и во време на слични партиски игри и превирања… и на вакво судство какво што го имаме…

Решивме да направиме изложба и промоција на Лескиконот на Странски Сликари во Македонија во периодот 1850-1950, токму во Куманово и токму околу овој голем празник. Колекцијата и Лексиконот се за сите луѓе од #Македонија. Можеби сме наивни, но се надеваме дека барем за миг вој настан ќе им понуди на Кумановчани еден момент на мир и уживање во уметничката убавина и гордост кон нашата заедничка Македонија која им била муза и инспирација на стотици странски сликари. Кумановчани заслужуваат таков момент.

Повелете на промоцијата на лексиконот на 17ти Октомври (Вторник) во 19:00 часот во галеријата на Домот на Занаетчии. Изложбата ќе биде достапна за јавност и во Среда и Четврток потоа.

Следете #artlexicon

artlexicon

Share with:


Share with:


Scroll to Top